Возењето по автопатиштата во Србија од среда, 10 јули, поскапува за околу 10 отсто. Попусти и натаму ќе имаат корисниците на електронската наплата од шест отсто, како и камионите со мотори „евро 6“ од 10 отсто, јави дописникот на МИА од Белград.
За македонските возачи од категоријата на автомобили најскапа патарината ќе биде на наплатните станици од Прешево до Суботица која ќе чини 2.690 динари или 23 евра. Од Прешево до Белград патарината ќе изнесува 1.890 динари или 16 евра, а од Прешево до наплатната станица Шид и хрватската граница 2.390 динари или 20 евра во еден правец.
Од останатите патарини од Белград до Шид ќе чини 500 динари, од Обреновац до Прељина 560 динари, од Белград до Суботица 800 динари, од Белград до Ниш 1.130 динари, од Белград до Димитровград 1.670 динари.
Во зависност од категоријата, патарината од Белград до Рума ќе изнесува 200 динари, до Сремска Митровица 270 динари, за Инџија 710 динари, и за Нови Сад 490 динари.
Поскапена е патарината и на автопатот „Милош Велики“, па од Белград, односно од Обреновац, каде има наплатна рампа, до Чачак ќе чини 560 динари.
Попусти ќе продолжат да остваруваат корисниците на електронска наплата т.е. таг од 6 отсто, како и камионите со мотори „ЕУРО 6“ од 10 отсто.
Министерот за транспорт, градежништво и инфраструктура Горан Весиќ изјави дека српскиот таг сè уште може да се користи само во Македонија и Црна Гора и обратно.
-Во моментов имаме 66.000 корисници кои го имаат тој Отворен Балкан таг и сигурен сум дека ќе има уште многу такви тагови кога ќе се заврши интеграцијата со Грција, бидејќи голем број српски автомобили влегуваат во Грција, понекогаш и околу 10.000 дневно, тоа е многу важно да се направи, а сигурен сум дека кога ќе создадеме нова компанија за патарини, ќе имаме напредок и во тоа, рече Весиќ на РТС.
Тој очекува меѓу 48 и 50 милијарди динари од наплата на патарина во Србија оваа година, а до 75-80 милијарди во следните две години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.