Потрошувачките цени во мај годинава во Црна Гора, во однос на истиот месец од 2021 година, се во просек повисоки за 11,7 отсто, покажуваат новите прелиминарни податоци на Заводот за статистика – Монстат. Ова претставува нова рекордна вредност уште од периодот пред кризата во 2008 година.

За истиот период, усогласениот индекс на потрошувачките цени – кој се однесува на финалната потрошувачка на целото население на една земја и претставува споредлива мерка за инфлација со земјите од Европската унија – изнесува 10,6 отсто, пишува Банкар.ме.

Според податоците на Монстат, од мај минатата до истиот месец годинава, најдрастично поскапување е забележано кај лебот и житариците од 37,1 отсто, потоа кај горивата од 34,2 отсто и кај зеленчукот од 30,8 отсто. Истовремено, цените на цврстите горива се зголемени за 26,3 отсто, маслата за 23,1 отсто, а млекото и јајцата за 21 отсто.

Значителен пораст на цените имаа и кафето и чајот (18 отсто), слатките и медот (15,4 отсто), месото (13 отсто) и патниот транспорт (13,1 отсто). Истовремено, најмногу паднале водоснабдувањето за 7,5 отсто, канализацијата за 4,8 отсто, а телефоните и опремата за 4,5 отсто.

Потрошувачките цени во првите пет месеци од годинава, во однос на истиот период од 2021 година, се во просек повисоки за девет отсто.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.