Нашата влада е подготвена за ова сценарио и има план за алтернативни извори, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков, кој додаде оти снабдувањето со гас за потрошувачите нема да биде прекинато откако претходно рускиот енергетски гигант „Газпром“ соопшти оти ја суспендирал испораката на гас за Бугарија и Полска.

На почетокот на денешната седница на бугарскиот Совет на министри, како што пренесе бугарски „Стандард“, Петков истакнал оти суспендирањето на гасот од страна на Русија е уцена и грубо кршење на договорот.

„Газпром ја изјави својата намера да го прекине снабдувањето со гас и јас овде изјавувам: прво, бугарската влада е подготвена за ова сценарио. Нема да има намалување на снабдувањето со гас на потрошувачите. Министерството за енергетика има јасен акциски план, план за алтернативни извори – рече премиерот.

Според Петков, прекинот на снабдувањето со гас од „Газпром“ е изнуда и уцена за користење на вондоговорен план за плаќање во рубли.

Ние нема да подлегнеме на таков рекет. Ги ревидираме сите договори со „Газпром“, вклучително и за транзит, бидејќи едностраната изнуда е неприфатлива – рече Петков.

Тој додаде оти му е мило што во последните четири месеци Бугарија е фокусирана на гасно поврзување со Грција и додаде оти во разговор со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис утринава, тој потврдил оти сè се одвива според планот и дека во јуни ќе биде готова првата физичка имплементација на ова поврзување.

Бугарскиот премиер додаде дека разговарал и со шефицата на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, според која едностраното прекршување на договорот меѓу „Газпром“ и Бугарија е проблем на целата Европска Унија и оти одговорот ќе биде заеднички.

Сакам да ги уверам сите бугарски граѓани да бидат мирни, постои јасен план, европскиот. Одговорот ќе биде генерален – рече премиерот.

Претходно, руската енергетска компанија „Газпром“ соопшти дека во целост ја прекинала испораката на гас и за Бугарија и за Полска откако двете земји одбија да почнат да плаќаат во рубли, по што и од двете држави соопштија дека добиле официјални известувања од рускиот снабдувач со гас дека испораките ќе прекинат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.