Во Србија финишира изборната кампања за претстојните избори за Собранието на Град Белград, 14 други градови и за 74 локални самоуправи што ќе се одржат во недела на 2 јуни. Овие избори се значајни бидејќи може да го променат политичкиот пејзаж на главниот град, каде опозицијата, и покрај бојкотот на поголемите партии, се надева на победа против владејачката Српска напредна партија (СНС), како и во Ниш, Нови САД и Чачак, јави дописникот на МИА од Белград.

Овие избори се важни поради бројните нерегуларности при претходните избори во декември 2023 година и неуспехот на партиите согласно изборните резултати да формираат власт и да изберат нов градоначалник на Белград. По обвинувањата за купување гласови (босански автобуси) и злоупотреба на јавни ресурси и протестите, опозициските партии бараа промени во законот за локални избори за да се обезбеди праведност и транспарентност на изборниот процес. По разговорите со власта, согласно препораките на ОБСЕ, и по консултациите со претседателот на Србија, Александар Вучиќ изборите за Белград се повторуваат и се одржуваат на ист датум со локалните избори на 2 јуни. Уследија и измени на избирачките списоци, и согласно измените на Законот за единствениот избирачки список, усвоени во Собранието на Србија, гласачите кои го промениле местото на живеење по 3 јули 2023 година нема да можат да гласаат на својата нова адреса на претстојните локални и белградски избори.

Во екот на овие преговори меѓу власта и опозицијата, дојде до разидување во редовите на опозициската коалиција Србија против насилството (СПН), по што изборите за град Белград ќе ги бојкотираат Партијата за слобода и правда (ССП), Нов ДСС (НАДА), Срце и Заедно, додека на локално ниво тие ќе настапат согласно одлуките за коалицирање на локалните одбори на овие партии со останатите од СПН.

За изборите за градското собрание на Белград (110 одборници) ќе учествуваат 14 изборни листи.

Владејачките партии СНС и СПС на Ивица Дачиќ ќе настапат со една изборна листа во Белград, како и во повеќето други градови, во коалицијата „Александар Вучиќ – Белград утре“ која ја сочунуваат вкупно 13 политички партии.

Опозициските партии од поранешната коалиција „Србија против насилството“ кои нема да ги бојкотират изборите-Народното движење на Србија, Зелено-левиот фронт/Не го давиме Белград, Демократската партија (ДС), Движењето на слободни граѓани (ПСГ), Еколошкото востание и Новото лице на Србија одат во коалиција со изборната листа „Го избираме Белград – Добрица Веселиновиќ – Милош Павловиќ“.

Останатите изборни листи што ќе учествуваат на изборите во Белград се: „Руска партија-Срби и Руси браќа засекогаш“, „Чале, ова е за тебе“, „За зелен Белград – Кога ако не сега – д-р Дејан Жујовиќ“, „1 од 5 милиони – Белградски фронт-Ритам на градот – Душан Теодосијевиќ градоначалник“, „Ние силата на народот проф. д-р Бранимир Несторовиќ“, „Народна листа-клуч за победа“, „Белград – нашиот град“, „Сојуз на Ромите на Србија – за Белград“, „Белград е свет-Партија на правдата и помирувањето – Усама Зукорлиќ, „Д-р Саво Манојловиќ – Јас сум Белград – Крени-Промени“, „Саша Радуловиќ – Доста беше (ДЈБ) – Решение за промени“, „Ние – глас од народот“.

Покрај изборите за градското собрание на Белград, белграѓани ќе гласаат и за советници во 17-те белградски општини: Чукарица, Нови Белград, Палилула, Раковица, Савски венац,

Стари град, Вождовац, Врачар, Земун, Звездара, Бараево, Гроцка, Лазаревац, Младеновац, Обреновац, Сопот и Сурчин.

Истиот ден, 2 јуни, ќе се одржат избори и во градовите: Нови Сад, Ниш, Суботица, Зрењанин, Кикинда, Вршац, Панчево, Сомбор, Сремска Митровица, Ваљево, Пожаревац, Јагодина, Ужице и Чачак.

Избори ќе се одржат во уште 51 општина во Србија: Ада, Алексинац, Алибунар, Апатин, Ариље, Бач, Бачка Паланка, Бачка Топола, Бачки Петровац, Бечеј, Бела Црква, Беочин, Бољевац, Босилеград, Бујановац, Чајетина, Чока, Горни Милановац, Инѓија, Ириг, Ивањица, Кањижа, Ковачица, Ковин, Мали Иѓош, Нова Црња, Нова Варош, Нови Бечеј, Нови Кнежевац, Оџаци, Опово, Пеќинци, Пландиште, Рашка, Рума, Сента, Шид, Сјеница, Србобран, Сремски Карловци, Стара Пазова, Сурдулица, Свилајнац, Шврљиг, Темерин, Тител, Тутин, Врбас, Врњачка бања, Жабаљ и Житиште.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.