Во Ниш, в недела ќе биде уништена голема бомба останата од бомбардирањето на НАТО во 1999 година, пронајдена пред четири дена на градилиште при доградбата на Научниот технолошки парк.

Поради таа причина, беше објавена наредба за евакуација на жителите од големиот градски кварт во реонот на северниот дел на тврдината Ниш.

Градскиот штаб за вонредни состојби на градот Ниш во наредбата ги наведува и мерките што граѓаните треба да ги преземат од недела во седум часот наутро, до завршување на акцијата за неутрализирање на бомбата.

За да се заштити животот и здравјето на луѓето и животните, потребно е граѓаните во недела, најдоцна до седум часот наутро, да ги напуштат објектите и со себе да ги земат своите миленици. Забрането е враќање на граѓаните во своите домови до завршување на акцијата на уништување, односно додека не добијат дозвола од надлежните да се вратат.

Пронајдената бомба, останата од бомбардирањето на НАТО во пролетта 1999 година, според „Политика“, тежи еден тон и содржи околу 400 килограми експлозив.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.