Најмалку шест лица ги загубија животите во големите поплави што го зафатија Балканот.

Најмногу настрада северозападниот дел на Албанија, каде се поплавени илјадници хектари земјоделско земјиште и стотици домови.

Вчера во Албанија за 12 часа наврнале и до 400 мм дожд, по што реката Дрина на места се излеа од коритото. Утрово се пронајдени телата на двајца исчезнати мажи, татко и син. Вчера, нивниот автомобил бил однесен од порој во селото Боге, кое се наоѓа на околу 145 километри северно од главниот град Тирана.

Со нив во возилото била и девојка, која успеала да се спаси, соопшти полицијата. „Водата ги однела таткото и братот на девојчето. Полицијата работи на пронаоѓање на исчезнатите мажи“, објави вчера албанската полиција на својата Фејсбук страница.

Поплавена е и Оловната џамија од 18 век во Скадар. Градоначалникот Бард Спахиа рече дека Скадар во моментов е „изолиран од остатокот од земјата“, пренесува Sky News.

За време на викендот четири лица загинаа во поплавите во Црна Гора и делови од Србија. Жена и нејзините две деца се удавија во Црна Гора кога нивниот автомобил паднал во река додека поминувале мост. На југот на Србија двегодишно момче се удавило откако паднало во река.

Властите во српскиот регион Рашка прогласија вонредна состојба, а армијата е распоредена да помогне во евакуацијата на населението и испорака на вода за пиење и храна.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.