Со бројни транспаренти десетици илјади граѓани на Србија попладнево излегоа на петтиот по ред протест „Србија против насилството“, во чија организација се вклучи и дел од опозицијата. Протестите „Србија против наилството“ се одржуваат од 8 мај, а повод за собирите на граѓаните се двете масовни убиства кои се случија во Србија – првото на 3 мај во основното училиште „Владислав Рибникар“ и второто ден подоцна во селата Дубона и Мало Орашје, кај Младеновац. Во трагедиите животите ги загибија 18 лица, а повеќе беа ранети.
Вечерашниот петти граѓански собир почна во 18 часот пред заградата на српскиот парламент во Белград, а како што е најавено маршот на граѓаните ќе се движи низ повеќе улици и плоштади во главниот град и треба да заврши во 21 часот пред зградата на претседателството на Србија.
Прв пред насобраните граѓани се обрати глумецот Ненад Хаџи Маричиќ. Тој пред да почне со говорот ги замоли присутните за тишина за да можат да се слушнат 18 удари во чест на жртвите на масовните убиства.
Српските глумци кои изминативе денови, како што пренесуваат медиумите, беа цел на напади и навреди и преставници на властите во Белград поради нивното учество на протестите „Србија против насилството“ претходно се сообраа пред театарот „Ателје 212“ од каде се придружија на протестот.
Насобраните граѓани, како што пренесе Н1, во воздух пуштија транспарент со ликот на српскиот претседател Александар Вучиќ на кој пишува „Вучиќ оди си“. Транспарентот беше закачен за балони во боите на српското знаме, наполнети со хелиум.
На протестот организирано пристигна и група студенти, кои од страна на насобраните беа дочекани со аплауз. Тие носат транспаренти на кои пишува: „Студентите нема да молчат“ и „АВ (Александар Вучиќ н.з.) диктатор“, „Укинуваш училишта, а не реални шоуа“.
Пред насобраните се обрати и прославената српска глумица Светлана Бојковиќ, која рече дека Србија се претворила во општество кое ја поттикнува темната страна на човековата природа, наместо да инспирира.
Пред граѓаните се обрати и водителот Зоран Кесиќ, кој на насобраните им порача дека колку повеќе ги има и колку се полути и погласни, толку повеќе таа сила ќе биде почитувана. Тој истакна дека Србија мора да ја менуваат заедно со истите граѓани кои беа принудени да дојдат со автобуси, алудирајќи на митингот на српскиот претседател Александар Вучиќ, минатата недела.
Актерот Драган Бјелогрлиќ им оддаде признание на младите дека достоинствено реагираат на насилството на кое се изложени во овој, како што рече, извитоперен режим.
Барањата на протестантите „Србија против насилство“ беа истакнати уште на првиот собир и тие се однесуваат на смена на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ), како и згаснување на магазините и таблоидите кои промовираат омраза и насилство и го кршат новинарскиот кодекс. Се бара и конфискација на фреквенциите на телевизиите „Пинк“ и „Хепи“ и стопирање на реалните шоуа и програми кои промовираат насилство, неморал и агресија, а кои се емитуваат на националните телевизии.
Дел од барањата, кои организаторите ги поделија во три групи, се и оставки на министерот за полиција Братислав – Бата Гашиќ и директорот на Безбедносно-информативната агенција (БИА), Александар Вулин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.