Бугарија ќе бара со нота да им се обезбеди пристап на бугарските државјани кои ќе патуваат во Македонија до споменикот на Гоце Делчев на 4-ти февруари. На чествувањето ќе присуствуваат и претставници на бугарската амбасада во Македонија. Ова го соопштил денеска министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков на брифинг со новинарите, пренесе БНТ.
Клучно е да се обезбеди безбедност и спокојство на Бугарите. Обезбедувањето непречено чествување на 4 февруари е елемент на тоа. Сакаме да постигнеме деескалација. Не бегаме од таков дијалог. Денеска телефонски разговор ќе има нашиот премиер со македонскиот Ковачевски и како еден од главните елементи ќе биде обезбедувањето на безбедноста, како за тамошните бугарски граѓани општо, така и во однос на тоа што се ќе се случува на 4 февруари. Ние се залагаме за таква деескалација и не треба да се врати на ситуацијата од пред една недела, бидејќи тоа би било конкретизирање на репресијата – посочи Милков.
Шефот на бугарската дипломатија посочи дека доколку Македонија го попречи пристапот на бугарските граѓани, тоа би било без преседан.
Ако тоа се случи, тоа ќе биде без преседан. Немам информации дека две земји членки ги прогласиле своите граѓани за персона нон грата. Ова ќе биде без преседан и ќе бара одговор без преседан. Андреј Ковачев е известувач за РМ во ЕП – потсетил тој.
Бугарија ќе бара гаранции од властите во Македонија дека овдешните институции, како што вели, ќе ги исполнат своите функции и ќе си ја вршат својата работа.
Бугарите и луѓето со бугарска самосвест немаат доверба во македонските институции, таквите поплаки што ги поднесуваат не се разгледуваат или ако се разгледаат добиваат негативен резултат, при што овие Бугари стануваат жртви на малтретирање и закани. Треба да се увериме дека македонските институции ќе започнат со својата работа. Комисијата за заштита од дискриминација наместо да ги разгледува извештаите, се сврте против нив – тврди Милков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.