Новиот црногорски претседател, Јаков Милатовиќ, во интервју за МИА вели дека Црна Гора силно го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина и целосно го дели ставот со ЕУ дека за постигнување на деескалација на тензиите потребно е повторно да има нови избори во северно Косово, како и да се исполнат и предусловите кои се однесуваат на формирањето на Заедницата на српски општини.

Мислам дека имаме потполно идентичен став во однос на ова прашање со ЕУ, дека за постигнување на таа деескалација е потребно повторно да има избори во Северно Косово, дека треба да се исполнат и оние предуслови, кои се однесуваат на формирањето на Заедницата на српски општини на северно Косово, како некои чекори до понатамошната деескалација на тензиите, и се она што води кон тоа Црна Гора го поддржува. Во таа смисла нашиот став е јасен и мислам дека е сличен со ставот на Македонија. Сметам дека навистина ни е потребен просперитетен и стабилен Западен Балкан како дел од ЕУ, подвелекува во интервјуто за МИА дадено на маргините на Преспа Форумот за дијалог во Струга.

Милатовиќ на новата функција е неполн месец, откако на изборите за претседател го победи Мило Ѓукановиќ, кој повеќе од три децении ја одредуваше политиката на земјата.

Во интервјуто, шефот на црногорската држава зборува меѓу другото и за очекувањата од новата црногорска Влада која треба да се формира по изборите одржани минатата недела, на која победи Движењето Европа сега (Покрет Европа сада-ПЕС), чиј коосновач е тој.

Милатовиќ кој е економист по вокација и поранешен министер за економија и развој, се осврнува и на процесот на евроинтеграциите, како и на иницијативата Отворен Балкан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.