Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, на фејсбук објави дека заедно со американскиот пратеник Габриел Ескобар продолжува со напорите за поддршка и овозможување на одржливо политичко решение, иако по нивната посета на регионот, и покрај некои позитивни сигнали, „тензиите продолжуваат да растат“.
Лајчак потсети дека патувал со Ескобар во Приштина и Белград со цел да се справи со тензичната ситуација на северот на Косово и да го истражи „потенцијалот за политичко решение“.
Во Косово се сретнавме со највисокото раководство, вклучително и претседателката Вјоса Османи, премиерот Албин Курти и првиот вицепремиер Бесник Бислими. „Нашата дискусија беше долга“, рече тој.
Ја пренесовме нашата загриженост за ситуацијата на северот и ја нагласивме потребата од итна деескалација. Го повторивме она што и ЕУ и САД побараа од партиите да го направат, кога повикаа на политичко решение: итна деескалација, предвремени избори со учество на косовските Срби и враќање на дијалогот за нормализација – нагласи Лајчак.
Лајчак објави дека разговарал и со опозициските водачи на косовските Албанци, објаснувајќи ги последиците од актуелната криза и штетата што таа ја предизвикува на меѓународниот углед на Косово.
Побаравме од нив да поддржат политичко решение за смирување на тензиите – рече Лајчак.
Бидејќи ниедно решение не може да се постигне без вклучување на засегнатото население, јас и Ескобар се сретнавме и со претставници на Српската листа и граѓанското општество, со цел да ги слушнеме и да објасниме зошто е важно косовските Срби да учествуваат на новите избори, нагласи европскиот дипломат.
Пренесувајќи ги своите впечатоци од Белград, Лајчак рече дека тој и Ескобар имале „подеднакво долги, но воопшто не лесни разговори со претседателот Александар Вучиќ“.
Му објаснивме како треба да придонесе за излез од актуелната криза и се осврнавме на сложената ситуација на Србите во Косово. Посебно нагласивме дека, иако сите граѓани имаат право на мирен протест, насилството никогаш не е прифатливо и не може да има неказнивост – рече Лајчак.
Ескобар и јас се надевавме на повисок резултат од нашата мисија, но за жал, и покрај некои позитивни сигнали, тензиите продолжуваат да растат. По кратка посета на Годишниот состанок на Европскиот совет за надворешни односи во Стокхолм, каде што имав можност да разговарам со голем број луѓе од Европа и САД, сега сум повторно во Брисел за да ги информирам ЕУ и земјите-членки за моите наоди и следни чекори – рече Лајчак.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.