Специјалниот пратеник на Европската унија во преговорите меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак ќе престојува денеска во Приштина, каде што ќе се сретне со косовскиот премиер Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.
Информацијата ја објави прес-службата на Владата на Косово, која соопшти дека Курти ќе го пречека Лајчак во неговиот кабинет во 9 часот.
Емисарот на ЕУ вчера престојуваше во Белград, каде што се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со кого, како што информира, разговарал за изнаоѓање решенија во процесот на нормализација на односите со Косово.
– Во Белград разговаравме за патот кон нормализација како продолжение на дебатата за дијалогот (меѓу Белград и Приштина) со претседателот Александар Вучиќ. Разговаравме и за актуелните прашања, како што е враќањето на косовските Срби во институциите, упатството за електричната енергија и исчезнатите лица (од војната во 1998-99 година), напиша Лајчак на неговиот Твитер.
Се очекува на истите теми да стане збор и на средбата на Лајчак со Курти, а се претпоставуа и дека една од целите на неговата посета на Белград и Приштина е да подготви нова средба на највисоко ниво меѓу премиерот Курти и претседателот Вучиќ. иа/сд/
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.