Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека тројцата уапсени косовски полицајци се „киднапирани“ и дека на 14 јуни, како што тврди тој, Србија извршила „агресија“.

Тој на прес-конференција заедно со министерката за надворешни работи Доника Гервала изјави дека Јетиш Јашари од Канцеларијата за врски на Косово во Србија ги посетил тројца полицајци, кои се во притвор во централна Србија.

Иста е и приказната на полицајците, како се случило киднапирањето. Тие велат дека биле на импровизирана маса и 15 луѓе ги опколиле, нападнале и киднапирале. Сите тројца ја раскажуваат истата приказна на прашањето од нашиот амбасадор. Ова ја елиминира дилемата. Србија изврши агресија на 14 јуни, истакна Курти.

Тој нагласи дека сака да оди во Брисел бидејќи според него деескалација значи ослободување на полицајците

Да, јас сум подготвен и заинтересиран да одам на следниот состанок во Брисел, за да можеме детално да ја презентираме оваа информација што ја добивме и да разбереме дека деескалацијата на ситуацијата, која сите ја бараат, значи итно ослободување на тројца полицајци и казнување на српската агресија врз Косово, посочи Курти.

Според него нормализација на односите значи безусловна примена на основниот договор.

Курти се осврна и на изјавата на американскиот пратеник, истакнувајќи дека треба да се праша Габриел Ескобар „на кои земји, освен Косово и Србија“ мислел кога зборувал за можноста за „регионален конфликт“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.