Косовскиот премиер Албин Курти вели дека властите во Белград, а не Србите од Косово, бараат итно формирање на Заедница на општини со српско мнозинство. Според Курти, властите во Србија се во паника и сакаат контрола врз сите општини со српско мнозинство во Косово што е можно поскоро.

Тој додаде дека планот на Марти Ахтисари, кој е основа за Уставот на Косово, и денес е проблем, бидејќи врз основа на него меѓународната заедница, а особено Србија, инсистира на формирање заедница на српски општини (ЦМУ), пренесува Танјуг.

„Никогаш не е согледано колку е погрешно и колку е контраверзно формирањето на моноетнички општини. Тоа се гледа денес, кога Србија упорно бара формирање на Заедница на српски општини во Косово, бидејќи сака да го постигне истото како со ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина. Убеден сум дека Србите од Косово не го сакаат и не го бараат тоа, туку само Србија. Косово е демократска земја и земја на политички плурализам, додека кај Србите на Косово нема политички плурализам, токму тоа им го нуди нашата Влада, демократија и плурализам, поради што Србија е во паника. Таа сака заедница преку која ќе ги контролира сите општини и сака 10 градоначалници да го изберат претседателот на ЗСО, кој ќе го замени министерот од српската заедница во нашата влада. Тоа е неправедно, погрешно, штетно и неприфатливо“, рече Курти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.