Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека последните именувања на Срби за членови на неговата Влада, на кои се противат најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ) и официјален Белград, ги извршил согласно одредбите на Уставот на Косово со кои се регулираат малцинските права, јави дописникот на МИА од Приштина.
Одговарајќи на новинарско прашање за вчерашната изјава на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој поради последните именувања го нарече „терористичкко ѓубре“, Курти рече дека тој не може да зборува „за нивото на едукација на државниот челник на северниот сосед“.
Јас можам да зборувам за ставовите и идеите, за меѓусебните согласувања и несогласувања, но не можам да зборувам за нивото на едукација на државниот челник на нашиот северен сосед. Што се однесува до правата на малцинствата во Косово, тие се регулирани со посебно поглавје во Уставот на Косово во вкупно 6 членови… и верувам дека тие што се незадоволни од Уставот треба да изнесат докази и да аргументираат за да кажат што не е во ред и што не е доволно, рече Курти.
По оставките на членовите на СЛ, на почетокот на ноември, од Владата и од Собранието на Косово, Курти го именува претседателот на Демократската прогресивна партија, Ненад Рашиќ за нов министер за заедници и враќање, а потпретседателката на истата партија, Рада Трајковиќ за советничка на премиерот.
На одлуката на косовскиот премиер остро се спротивставија СЛ и властите во Белград, оценувајќи дека постапил спотивно на Уставот на Косово. Вучиќ, пак, освен што го нарече Курти „терористичко ѓубре“, и за Рашиќ и Трајковиќ рече дека се „најлошо српско ѓубре“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.