Премиерот на Косово Албин Курти, преку објава на Фејсбук порача дека Албанците мора да застанат еден до друг, за развој, демократизација, реформи, напредок и благосостојба, објавувајќи при тоа фотографии од средба со премиерот Еди Рама и со лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари.

Курти, кој учествуваше на средбата на лидерите на земјите од Западен Балкан и високи претставници на администрацијата на САД и ЕУ што се одржа во Скопје, првпат по подолг период можеше да се види седнат заедно на блиска средба со Рама, со кој имаа заладени односи.

Во Скопје, на маргините на регионалната лидерска конференција за Планот за раст на ЕУ, заедно со премиерот Рама се сретнавме и разговаравме со Арбен Таравари, претседател на Алијансата за Албанците. Албанците, повеќе од среќа, имаат историска и национална свест со јасна евроатлантска ориентација и градење сојузи засновани на вредности и верувања, наведува Курти во објавата на социјалните мрежи.

Косовскиот премиер нагласува дека „често има слични и заеднички предизвици“.

Услугата кон граѓаните секогаш треба да биде непоколеблива цел на политичкиот ангажман. И на патот напред, мораме да застанеме еден до друг, за развој, демократизација, реформи, напредок и благосостојба, порачува Курти.

Вчера за средбата реагираше и Таравари кој на социјалните мрежи објави фотографија од средбата и кусо напиша:

Добри времиња! Кон Европа!“. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.