Косовскиот премиер Аљбин Курти синоќа изјави дека Приштина не сака конфликт, но дека на „агресијата“ ќе одговори со сета сила што ја има.

Тој вака реагираше на изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека Србија ќе побара од КФОР да распореди свои воени и полициски сили на Косово, додавајќи дека секое неосудување на „оркестрираното насилство“ од ЕУ и САД ќе „го охрабри официјален Белград дополнително да поттикнува дестабилизација“.

Според него, Србија веќе неколку дена „му се заканува на Косово со агресија“ и повикува на враќање на српската војска на Косово (и Метохија), повикувајќи се на резолуцијата 1244 на ОН

Тие сакаат двојно враќање во минатото. Прво, враќање на времето на Милошевиќ и војната. Второ, прашањето за Косово (и Метохија) да се врати во ОН и што е можно подалеку од ЕУ. Косово е европска, демократска и проамериканска држава. Србија со лидерството што го има е автократска, проазиска и милитантна. Ние не сакаме конфликт, сакаме мир и напредок, но ќе одговориме на агресијата со сета моќ што ја имаме. Сега кога ниту регистарските таблички на возилата ниту датумите за избори не можат да се користат како изговор, откриени се илегалните структури на Србија претворени во криминални банди“, напиша Курти на Фејсбук.

Тој додаде дека министерот за внатрешни работи на Косово, Жељаљ Свечља е во контакт со командантот на КФОР и додаде дека барикадите на „маскираните криминалци на север“ треба веднаш да се отстранат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.