Косовскиот премиер, Албин Курти, по денешното поскапување на цената на сончогледовото масло во дел од маркетите во државата на дури 3,50 евра за литар, изјави дека Косово има најскап зејтин во светот, но дека тој пораст на цените не е резултат на реалната состојба на пазарот.
По посетата на фабриката за обработка на маслото во Гњилане, Курти изјави дека за таквото поскапување нема причини и дека тоа е резултат на желбата на дел од трговците да профитираат од светската криза предивикана од руската воена акција во Украина.
Се работи за вештачко надувување на цената на штета на граѓаните. Нема никаква причина, ниту потреба за такво поскапување. Моментно цената на маслото во Република Косово е највисока во светот, но овие поскапувања се направени од факторот човек, а не од објективната состојба на теренот. Овие надуени цени мора да се издуваат – истакна Курти.
Тој апелира до граѓаните да не креваат паника, затоа што, како што изјави, само во гњиланската фабрика има околу 300 илјади литри масло, кое, откако ќе се обработи, според потрошувачката во Косово, е доволно за најмалку еден месец.
Во меѓувреме, во текот на овој месец, ќе се заложиме како влада, со пријателските држави, со нашите сојузници, да најдеме извори на сировина на необработено масло, со цел, по обработката кај нас, да нема недостиг на пазарот – изјави Курти.
Тој додаде дека инспекторите вршат документирање на можните прекршувања на законите за заштита на потрошувачите и ќе се преземат соодветни мерки, не само против злоупотребите, туку и за спречување на натамошните прекршувања.
Цената на сончогледовото масло во текот на вчерашниот ден во Косово се покачи од околу 1,60 на 2,30 евра, а само 24 часа подоцна во голем број продавници се продаваше со цена од 3,49 евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.