Косовскиот премиер, Албин Курти ги повика иселениците да го искористат законскиот рок до 31 август, до кога трае пописот на населението за припадниците на дијаспората, за да можат да гласаат на парламентарните избори во Косово, закажани за 9 февруари 2025 година.

Преку видео порака на неговата страница на Фејсбук, Курти апелира до граѓаните во дијаспората да го искористат своето уставно право и нагласи дека процесот на регистрација како нерезидентни граѓани на Косово е нивна можност за зајакнување на врските со татковината.

Со попишувањето станувате активен дел во градењето на иднината на Косово и на самата дијаспора. Искористете го вашето уставно право и регистрирајте се онлајн преку платформата е-дијаспора до 31 август 2024 година. Покрај преку платформата е-дијаспора, можете да се информирате и по потреба да ви се помогне да се регистрирате, во објектите на регионалните општини на Косово, од страна на претставници на Агенцијата за статистика на Косово. Пријавувањето е брзо и лесно, но со големо влијание, порача Курти.

Тој нагласи дека добиените податоци од пописот на дијаспората ќе помогнат да се креираат политики кои ја поддржуваат емиграцијата, ги подобруваат услугите и ги зајакнуваат културните и образовните врски со татковината.

Иселеништвото е нераскинлив дел од нашата нација, затоа ве повикувам да се попишете секој од вас!“, порача Курти.

Пописот на резидентното население во Косово се одржа од 5 април до 24 мај годинава и прелиминарните резултати покажаа дека во државата живеат 1.586.659 жители. За иселеништвото рокот за попишување е до 31 август, а до средината на јули, според Агенцијата за статистика на Косово, во странство беа регистрирани околу 600 илјади Косовари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.