Лидерот на најголемата опозициска партија во Собранието на Косово, Демократската партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи, порача дека го поддржува дијалогот со Србија, бидејќи, според него, нема друга алтернатива за решавање на споровите и нормализирање на односите меѓу двете држави.

Во интервју за телевизијата „АТВ“, Красниќи изјави дека меѓусебното признавање со Србија треба да се случи „без да се повреди Уставот на Косово и со заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата“.

Ставот и пристапот на ПДК во однос на дијалогот останува константен и непроменет, и кога ја имавме одговорноста на владеење со државата и сега, кога сме во опозиција, веќе две години. Ние веруваме дека дијалогот е механизам без алтернатива за да се постигне сеопфатно решение за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, што ќе резултира со меѓусебно признавање меѓу нашите две држави, секогаш во рамките на постоечкиот уставен поредок и на нашиот суверенитет и територијален интегритет – изјави Красниќи.

Опозицискиот лидер порача дека од владата на Албин Курти се очекува „поголема проактивност и сериозност“ во пристапот кон решавањето на споровите со Србија.

Нам ни е јасно дека уставната и законската одговорност е на премиерот Курти и на владата за да ги преземат потребните чекори во тој правец и да го водат дијалогот. И доколку еден договор во тие рамки може да се постигне, а ние веруваме дека може, ПДК ќе го поддржи тоа – изјави Красниќи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.