Собранието на Косово попладнево, на вонредна седница, со 76 гласа „за”, еден „воздржан” и ниеден „против” усвои резолуција со која се забранува организирање гласање на утрешниот референдум на Србија на териоријата на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Покрај пратениците на партијата Самоопределување, на премиерот Албин Курти, за резолуцијата гласаа и две од трите парламентарни опозициски партии на косовските Албанци, Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднината на Косово (ААК).
Најголемата опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (ПДК), ја бојкотира седницата, додека најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ), која е дел од владината коалиција, ја напушти салата пред да се гласа, обвинувајќи го Курти дека носи „антисрпски одлуки”.
Во првата од осумте точки на резолуцијата, што беше усогласена со предлози од споменатите опозициски и од пратеничката група Г6 на помалите етнички заедници, се наведува дека „организирањето српски референдум во Косово ги крши суверенитетот и уставниот поредок на Косово и е во спротивност со Уставот и законите на Косово и со меѓународните норми”.
– Собанието бара од Владата и другите надлежни институции да преземат дејствија за да не се дозволи кршење на суверенитетот и уставниот поредок со одржување референдум на друга држава на територијата на Косово, се наведува во резолуцијата.
Во неа, меѓу другото се изразува „противење на постојаните дејствија на Србија со цел инструментализирање и злоупотреба на српските граѓани во Косово во служба на нејзините непријателски дејствија против Косово”.
Од 2012 година досега припадниците на српското малцинство во Косово имаа можност да учествуваат во српските изборни процеси, при што во примопредавањето на изборниот материјал асистираше мисијата на ОБСЕ. Владата на Курти реши да стави крај на таа практика, оценувајќи дека со тоа се кршат Уставот, законите и суверенитетот на косовската држава.
Граѓаните на Србија на утрешниот референдум треба да се изјаснат дали се „за потврдување на актот за промена на Уставот на Република Србија”. Косовските Срби со двојно државјанство, според владината одлука, ќе можат да гласаат по пошта, или во Канцеларијата за врски на Србија во Приштина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.