Владата на Косово е решена да не им ги исплати септемвриските плати на вработените во предшколските установи и основните и средните училишта кои, во организација на Обединетиот синдикат на образованието, науката и културата (СБАШК), штрајкуваа минатите повеќе од месец дена, јави дописникот на МИА од Приштина.
Портпаролот на Владата на Албин Курти, Прпарим Криезиу изјави за порталот „Газета експрес“ дека во законски предвидениот рок, до петтиот ден од почетокот на месецот, се исплатени платите за вработените во јавниот сектор, но не и за оние кои штрајкувале.
За месец септември, платите во јавниот сектор се реализирани за службениците кои излегле на работа и ги извршиле своите задачи и обврски. Месечната плата е надоместок за работа. Во случаи на штрајкувања, тоа прашање се регулира со Законот за штрајк – изјави Криезиу.
И шефицата на пратеничката група на владејачката партија, Движење самоопределување (ВВ), Мимоза Кусари-Лила, по седницата на собраниското претседателство изјави дека со закон не е предвиден надоместок за штрајкувачите за деновите во кои не работат.
Со законот за штрајк е предвидено работниците, било во јавниот или во приватниот сектор. тие кои се дел од деклариран штрајк, според предвидените правила со закон, не се компензираат за деновите во кои не се на работното место – изјави Кусари-Лила.
Шефот на пратеничката група на најголемата опшозициска партија, Демократската партија на Косово (ПДК), Абељард Тахири денеска информира дека до Собранието е поднесено барање за интерпелација за министѕерот за финансии, Хекуран Мурати поради неговото однесување во однос на штрајкот на образовните работници.
Тахири најави дека, доколку до 5 октомври не им бидат исплатени платите на вработените во образованието, ПДК ќе поднесе кривична пријава против Мурати.
Во косовските училишта денеска започна наставата за оваа учебна година, по повеќе од еден месец штрајк со барање за надоместок од 100 евра до донесувањето на законот за плати, кој е во процедура на изготвување.
Унијата на независни синдикати на Косово вчера објави дека штрајкот во образованието, започнат на 25 август, се суспендира до јануари 2023 година, но дека не се откажува од барањата за надоместоци за наставниот кадар.
Претседателот на штрајкувачкиот одбор, Рахман Јашарај, кој е воедно и лидер на СБАШК, на прес-конференција вчера изјави дека за прекин на штрајкот и започнување на наставата се изјасниле мнозинството членови на Синдикатот.
Јашарај рече дека се надева оти во јануари нема да има потреба од продолжување на штрајкот и дека владата ќе го исполни нивното барање за надоместок за вработените во образованието до усвојувањето на новиот закон за плати, кој е сé уште во фаза на подготовка.
Според челникот на образовниот синдикат, во изминатите пет недели се стекнал впечаток дека „на владата на Курти штрајкот ѝ бил потребен за косовските граѓани да не му поставуваат прашања за други работи“.
Наместо оптимистички пораки, Владата даде изјави полни со навреди и омаловажувања, како да сакаше да ги поттикне штрајкувачите да го продолжат штрајкот што повеќе. На тие што нé навредуваа – нека им служи на чест – изјави Јашарај.
Барањето за надоместок од 100 евра упорно го отфрла премиерот Албин Курти, кој го обвинува СБАШК дека се манипулирани од опозицијата со цел да го урнат од власт.
Во образовниот синдикат, кој е дела од Унијата на независни синдикати, меѓу другите, членуваат над 25 илјади воспитувачи, учители и наставници од предшколските, основните и средните училишта во Косово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.