Косовската влада одлучи да воведе санкции кон Русија, поради нејзината воена акција во Украина.

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека, со одлуката за санкции кон Москва, Косово се приклучува на своите партнери, како што се САД и Европската Унија.

Курти изјави дека реакцијата на Косово на руската операција во Украина треба да се гледа и како порака за политичката и дипломатската ориентација на неговата држава.

Им се придружуваме на нашите партнери, со контра-одговор на воената агресија на Русија, на тој начин што усвоивме пакет санкции кон неа. Ова не е првпат Косово да воведе санкции кон Руската Федерација. Оваа Русија која ја гледаме денес не е некоја нова Русија и е предупредување дека не сака да биде нова Русија. Затоа одговорот на западниот и демократскиот свет треба да биде едногласен и решителен. Нашата брза и безрезервна реакција на руската окупација на Украина треба да се чита како јасна порака за нашата политичка и дипломатска ориентација – изјави Курти во своето обраќање пред владиниот кабинет.

Министерката за надворешни работи, Доника Грвала, соопшти дека косовските санкции ги опфаќаат истите мерки кои ги усвоија Советот на ЕУ и САД.

Санкциите опфаќаат замрзнување на банкарските средства и на финансиските емисии, забрана за пристап до финансиските пазари и други соодветни мери кои се однесуваат на значајни руски фирми, на елитите и политичките актери кои се инволвирани во донесувањето на одлуката за руската агресија врз Украина. Индивидуите исто така подлегнуваат на забрана на патување или транзитирање во земјите кои ги спроведуваат овие санкции – информира Грвала.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.