Владата на Косово одлучи да престане со налепници да ги покрива државните симболи на Србија на српските регистарски таблички, само пет дена откако стапи во сила таква одлука на Владата на Србија за ознаките на табличките на Република Косово.
Косовската Влада ја донесе својата одлука вчера, соопштија од кабинетот на Курти, а таа беше образложена како „чин на добрососедски односи и доаѓа по целосното признавање на табличките на Република Косово од страна на Србија“, се наведува во соопштението.
Косовскиот премиер Албин Курти претходно коментирајќи ја одлуката на Белград да дозволи слободно движење на возилата со таблички на Република Косово (РКС), рече дека Приштина ќе реагира реципрочно „штом граничната полиција документира и докаже дека Србија целосно ја спроведува својата одлука и без пречки“.
Владата на Србија на 25 декември одлучи да дозволи слободно движење на сите возила од Косово и Метохија, со образложение дека оваа одлука произлегува од договорот меѓу двете страни од 2011 година.
На сите гранични и административни премини, објави Србија, ќе биде поставено известување дека „учеството во сообраќајот“ е дозволено за сите возила регистрирани на Косово „исклучиво од практични причини, со цел да се олесни положбата на поединците и да се овозможи нивна слобода на движење“.
Српските власти објаснија дека одлуката не може да се толкува како признавање на независноста на Косово и дека не го прејудицира одредувањето на конечниот статус. Со тоа се настојува да се реши спорот кој во изминатите месеци потикнуваше напнатост и инциденти меѓу двете страни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.