Регулаторниот завод за енергетика на Албанија (ЕРЕ) донесе одлука за цената на струјата за ноември и декември со која домаќинствата кои ќе трошат повеќе од 800 киловат часови електрична енергија месечно ќе плаќаат поскапа струја.
За овие потрошувачи зголемување на цената на енергијата е за 4,4 пати, па така наместо по 9,5 лека, ќе плаќаат по 42 лека за киловат-час.
Цената на снабдувањето со електрична енергија за потрошувачите кои трошат над овој лимит ќе биде предмет на периодично разгледување, по оценувањето на промените во продажната цена на електричната енергија за крајните потрошувачи на универзалната услуга, се наведува во соопштението.
Ваква одлука во септември донесе и ЕРЕ и Владата, која требаше да се применува од почетокот на овој месец, но истата беше повлечена, поради, како што образложи премиерот Еди Рама „намалената потрошувачка и зголемено домашно производство“.
Рама на заедничка прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дел Лајен, порача дека наметнувањето на овој лимит не значи поскапување на струјата.
Го слушам постојаното прашање „дали ќе се откажете од зголемувањето на цената на енергијата“. Нема да ја зголемиме цената на енергијата. Никогаш не сум го рекол тоа. Поставувањето на лимит од 800 квч не ја зголемува цената на енергијата. Тоа е поставување плафон под кој секое домаќинство може да ги задоволи сите основни потреби, сите без исклучок, без потреба од трошење повеќе енергија, изјави Рама.
Тој додаде дека во земјата има 1,2 милиони домаќинства, а од нив околу 60 илјади трошат повеќе од 800 квч електрична енергија месечно за греење или ладење, што, како што рече, е сосема поинаква работа во споредба со вокабуларот „поскапување на енергијата“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.