Српската вицепремиерка и министерка за енергетика, Зорана Михајловиќ, изјави дека во Србија има доволно енергенти и дека нема да се зголемат цените на струјата, топлинската енергија и гасот, дека ќе останат одредени ограничувања на цената на нафтените деривати и дека ќе се направи подобра рамнотежа меѓу цените на големо и мало, јави дописникот на МИА од Белград.

Најважно за граѓаните и економијата е дека има доволно на сите енергенси. Има доволно нафтени деривати и гас, се произведува струја. Увозот на струја е помал во споредба со претходните месеци, има доволно топлотна енергија – изјави српската вицепремиерка на „Копаоник бизнис форумот“, соопштија од нејзиниот кабинет.

Што се однесува до ограничувањето на цената на нафтените деривати, Уредбата за ограничување на цената на нафтените деривати секако ќе се промени. Ќе се задржат одредени ограничувања, но ќе се обидеме да направиме подобар баланс меѓу големопродажната цена и малопродажната. Тоа е главна причина зошто некои помали пумпи не продаваат нафтени деривати – ги има доволно, но проблемот беше во цената – изјави Михајловиќ.

Српската Влада ја ограничи максималната цена на бензините 95 на 171 динари (1,45 евра) и на дизелот на 179 динари (1,52 евра), која истекува на 12 март.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.