Вонредно побарав збор за, од страна на СИРИЗА, да доставам предлог за гласање недоверба на најлошата Влада во земјата по падот на Хунтата, бидејќи дојде време да си одите, земјата да земе здив, затоа што во демократијата не постојат безизлезни ситуации, рече од Парламентот лидерот на грчката опозициска партија Алексис Ципрас и достави предлог за гласање недоверба на Владата на Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

За време на расправата во Парламентот за закон од Министерството за развој, Ципрас вонредно побара збор и упати остри критики и обвинувања до Владата за справувањето со снежната бура.

Рече дека невремето најавено со денови остави илјадници граѓани на милост и немилост, без струја, со затворени улици и „без нивните крици на агонија да стигнуваат до исчезнатиот господин Мицотакис“, истакна дека актуелната Влада бележи „трагични неуспеси“ на сите полиња и побара веднаш да си оди.

-Имаме обврска очајот и гневот на мнозинството да ги направиме сила за политички промени. Оваа Влада треба што е можно поскоро да си замине, што побрзо, толку подобро. Пред да биде доцна за општеството, земјата, демократијата. Да си одите, бидејќи не може со гневот на општеството да се справувате со половични извинувања, рече Ципрас и додаде дека стравот и несигурноста веќе две години станаа секојдневие на граѓаните.

Паралелно, ги повика сите „општествени и политички сили да бидат присутни во борбата за ослободување на државата од режимот на Мицотакис“.

Со доставувањето на предлогот на СИРИЗА за гласање недоверба, запираат актуелните активности во Парламентот, а веројатно утре ќе започне тридневната расправа, која ќе заврши во недела на полноќ со гласање недоверба на Владата.

Владата на Нова демокрартија во Парламентот има 157 пратеници, шест повеќе од минималната граница за парламентарно мнозинство



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.