Новата германска коалициска Влада сака секоја година од странство да привлекува по 400.000 квалификувани работници, со што смета дека би го решила проблемот со демографската нерамнотежа и недостигот на работници во клучните сектори, проблем кој би можел да го забави економското закрепнување по пандемијата.

– Недостигот од стручна работна сила стана толку сериозен, па драматично ја забавува нашата економија, изјави Кристиан Дуер од Слободни демократи (ФДП).

За да ја направат Германија атрактивна за странските работници, коалициските партнери договориле систем за бодување професионалци кои не се од земјите на Европската унија. Исто така, ја подигнале минималната саатница до 12 евра.

Германскиот Економски институт проценува дека работната сила оваа година ќе се намали за над 300.000 лица. Тоа е така, поради тоа што има повеќе возрасни лица кои одат во пензија, отколку што има млади кои влегуваат на пазарот на трудот.

До 2029 година, тој јаз би можел да се зголеми на над 650.000, а во 2030 акумулираниот недостиг на работоспособни лица би можел да достигне пет милиони.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.