Мисијата на НАТО во Косово (КФОР) соопшти дека „не била во областа кога српската полиција уапсила тројца косовски полицајци“ и ги повика Косово и Србија веднаш да ги намалат тензиите и да се воздржат од еднострани дејствија.
КФОР испрати тим во областа и воспостави контакти со претставници на косовските институции и српските власти. Ги повикуваме двете страни веднаш да ги намалат тензиите и да се воздржат од еднострани дејствија што можат да доведат до натамошна ескалација, се наведува во соопштението од КФОР.
Косовскиот премиер Албин Курти вчера ги повика КФОР да соопшти каде се случил настанот.
Покрај тоа, КФОР појаснува дека ја следи ситуацијата и продолжува целосно да го спроведува мандатот на ОН, врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, од 1999 година, во обезбедувањето мирна средина, слободно движење на сите заедници во Косово, како и продолжување со обезбедување неопходна безбедносна рамка за подобрување на дијалогот под покровителство на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Пред два дена беа уапсени тројца косовски полицајци, што за Косово е киднапирање извршено од страна на српските власти на територијата на Косово.
Белград тврди дека настанот не се случил во Косово, туку во Србија и дека поради тоа не станува збор за киднапирање, туку за апсење.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.