КФОР го зголеми своето присуство и патролирање на административните премини Јариње и Брњак и е подготвен да интервенира доколку е потребно, изјавија денеска за Танјуг во КФОР.

Воедно од КФОР изјавиле дека активноста кога станува збор за патролирањето е зголемена во оваа област, со цел да се зголеми свеста за ситауцијата, и неодамнешните тензии кои резултираа со блокади токму на овие два гранични премини пред речиси еден месец.

Во одговорот до „Танјуг“, од КФОР велат дека овие мерки се преземаат со цел доколку има потреба, да се реагира брзо на секој безбедносен предизвик, а мисијата КФОР предводена од НАТО, која произлегува од Резолуцијата 1244 на СБСБ од 1999 година, е да обезбеди безбедна и сигурна средина и слобода на движење за сите граѓани на Косово.

Инаку, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти пред два дена остварија средба во Брисел, на која присуствуваа и високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, кој по средбата кажа дека договор помеѓу двете страни нема, но разговорите ќе продолжат и понатаму, а посочи и дека најважни точки на агендата на разговорите меѓу двете страни, под посредство на ЕУ, биле неодамнешните тензии околу примената на реципроцитетните мерки на косовската влада за регистарските таблички и личните документи, која беше одложена за 1 септември. Борел исто така посочи дека меѓународната заедница не сака да има нови тензии во наредниот период и повтори дека двете страни ќе бидат целосно одговорни за каква било ескалација на теренот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.