Поранешниот албански претседател и актуелен лидер на Партијата на слободата, Илир Мета, му честиташе на Христијан Мицкоски за функцијата премиер и изборот на владата искажувајќи целосна убеденост дека ќе „биде пример за инспирација“.
Во објава на „Фејсбук“, Мета напиша дека верува дека со својата програма оваа влада ќе биде инспиративен пример за привлекување странски инвестиции и зголемување на извозот, во интерес на сите граѓани и економскиот развој на Македонија.
Многу успеси за Владата на премиерот Христијан Мицкоски изгласана синоќа од Собранието на Македонија! Целосна убеденост дека со својата одлична економска програма ќе биде инспиративен пример за привлекување странски инвестиции и зголемување на извозот, во интерес на сите граѓани и економскиот развој на Македонија, напиша Мета.
Посебни честитки, стои понатаму, до шесте албански претставници во Владата кои „верувам дека ќе дадат се од себе за достоинствено претставување на Албанците и остварување на нивните права низ духот на соработката“.
Мета и претходно искажа поддршка за ВМРО ДПМНЕ и лидерот Мицкоски, му ја честиташе победата на изборите порачувајќи дека е „оптимист за иднината на Македонија, која ја чекаат многу подобри денови“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.