Словенечката медиумска куќа „Про Плус“, продуцент на неколку најгледани телевизиски програми, од вторникот е цел на хакерски напад и се уште не ги отстранила неговите последици.

Како што објави РТВ Словенија, „Про Плус“, која стои зад најгледаниот комерцијален телевизиски канал ПОП-ТВ, веднаш го потврдила хакерскиот упад во нејзиниот компјутерски систем, чии последици сè уште се решаваат, но некои емисии и спортски преноси во живо и натаму се оневозможени.

Во првите денови било оневозможено и емитувањето на програмата 24ur, најгледаната вечерна информативна емисија на каналот ПОП-ТВ. Од медиумската куќа засега одбиваат да го коментираат самиот хакерски напад, но неофицијално се дознава дека станува збор за класична изнуда бидејќи во нивниот компјутерски систем е вметнат вирус кој ги заклучува програмите, јавуваат словенечките медиуми.

Наводно, напаѓачот, зад кој стои организирана криминална група, бара неколку милиони евра за да ги врати заклучените програми во првобитната состојба, јавува РТВ Словенија.

Според словенечките медиуми, годишно во Словенија се евидентираат околу шеесетина вакви хакерски напади, но многу од нив остануваат непријавени или не се познати за јавноста бидејќи се насочени кон помалку истакнати жртви и бараат откуп во помали износи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.