Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ги повика Белград и Приштина да се воздржат од преземање унилатерални дејствија кои би можеле да доведат до зголемени тензии и дополнителна ескалација на ситуацијата.

Во последниот шестмесечен извештај за работата на УНМИК, кој се однесува на периодот од 19 март до 18 септември, Гутереш посочи дека страните не постигнале значителен напредок во спроведувањето на Договорот на патот кон нормализацијата и дека допрва треба да се договорат за редоследот на одредбите на неговиот анекс.

Според Гутереш, претходните шест месеци биле обележани со постојани несогласувања меѓу Белград и Приштина, особено во однос на легитимитетот на новоизбраните градоначалници на косовските Албанци во четири општини со мнозинско српско население на северот на Косово. Безбедносната состојба на теренот продолжи да се влошува поради провокациите и зголемената реторика од двете страни, што доведе до жестоки судири во кои беа повредени припадници на косовските сили, како и цивили и новинари.

Гутереш смета дека протестите на северот на Косово, апсењата на косовски Срби, приведувањето на тројца косовски полицајци од страна на српските власти, новото распоредување на единиците за специјални операции на косовската полиција на северот на Косово, експропријација на земјиштето и неколку безбедносни инциденти придонеле за тензичното опкружување.

Како што истакна Гутереш, немањето напредок во дијалогот носи ризик од дополнителни тензии и можна ескалација на теренот.

Ги повикувам страните да ја потврдат својата вистинска посветеност на дијалогот со посредство на ЕУ и целосно да ги спроведат сите договори, се вели во извештајот.

Според него, неопходно е да се најде решение за брзо одржување на предвремени и инклузивни локални избори на северот на Косово, со учество на косовските Срби, за да се смират тензиите и да се оди напред.

Тој ги осуди нападите врз членовите на меѓународната мисија на теренот и воопшто употребата на насилството, наведувајќи дека ескалацијата на тензиите и безбедносните инциденти во мај и јуни имаа негативно влијание врз процесот на дијалог.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.