Поранешниот американски претставник за дијалог меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, ги повика САД да прекинат секаква помош за Приштина доколку Албин Курти веднаш не го ослободи уапсениот Србин и оцени дека Европејците само ја влошуваат кризата на Балканот со еднострани интервенции.

Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber
Гренел на Твитер, реагирајќи на изјавата на шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок, напиша дека дијалогот што го води ЕУ е неуспешен.

Од економска нормализација преминавме во хаос затоа што не ја следите навистина ситуацијата. Не успеавте да го повикате Курти на одговорност за изминатата година. Тој отфрли сè што понудивте вие и САД, напиша Гренел.

Тој побара Курти да го ослободи уапсениот Србин, но и во исто време да се отворат сите премини и да се отстранат сите барикади.

И ако Курти не го стори тоа веднаш, тогаш САД треба да прекинат секаква помош. Не треба да поддржуваме некој што создава терор, рече Гренел.

Гренел ги повика Европејците „да го сменат курсот во нивната стратегија Косово-Србија”.

Тие не ја помагаат балканската криза – тие ја влошуваат со своите еднострани и непостојани интервенции, додаде американскиот дипломат.

Во исто време, тој повика итно да се ослободи поранешниот косовски претседател Хашим Тачи од Хаг.

Бербок синоќа оцени дека е „целосно неприфатливо” испраќањето српски сили на Косово, како и последните напади врз припадници на мисијата ЕУЛЕКС на Косово, тврдејќи дека Приштина со одложувањето на локалните избори ги смирува тензиите, а Белград го прави спротивното со „неодамнешната реторика”.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.