Премиерката на Србија Ана Брнабиќ реагираше на изјавата на шефицата на германската дипломатија Аналене Бербок дека е неприфатливо испраќањето српски сили на Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

Во најновото соопштение на министрите за надворешни работи на земјите од Г7 од 14 мај 2022 година, се наведува дека во решавањето на секој проблем или криза во светот (Либија, Сирија, Јемен, Сомалија итн.) потребно е стриктно спроведување на соодветни резолуции на Советот за безбедност на ОН (СОНСКР), напиша Брнабиќ на Твитер.

Сега зачудувачки, како што истакна таа, Министерството за надворешни работи на Германија експлицитно вели дека треба да се игнорира Резолуцијата 1244 која е „неприфатлива“– со која се предвидува Србија да има право да бара враќање на одреден број нејзини безбедносни сили на Косово.

Што се однесува на меѓународното право и стабилноста, врз основа на кои критериуми одлучувате кои резолуции на Советот за безбедност на ОН мора да се почитуваат, а кои да се игнорираат? На пример, во случајот со Либија, резолуцијата 2571 мора да се почитува, но во случајот на Србија резолуцијата 1244 мора да се игнорира? Ова е неверојатно ниво на апсурд, истакна Брнабиќ.

Она по што копнеат Србите во Косово се мирот и стабилноста, посочи Брнабиќ и порача дека нема да имаме ништо против да видиме почитување на меѓународното право, Повелбата на ОН, СБ на ОН…

Уште нешто: немаше да има тензии доколку Курти само ги почитуваше договорите, а не тоа што го прави сега – еднострано ги крши, заклучи премиерката на Србија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.