Во грчкото одморалиште Нафплио, на Пелопонез, вчера се случувала вистинска драма, кога полицијата бркала двајца крадци кои ограбиле семејство, јавуваат локалните медиуми.
За време на бркотницата, еден од разбојниците доживеал мозочен удар. Драмата се одвивала во утринските часови во центарот на Нафплио, кога двајца крадци, за кои се јавува дека биле од Црна Гора и дека имале соучесничка од Србија, упаднале во стан во кој престојувала брачна двојка со мало дете.
Под закана со пиштол, крадците украле вредни предмети, а потоа ги врзале родителите и детето и избегале. Брачната двојка почнала да повикува помош, на што соседите истрчале на терасата и ја повикале полицијата.
Полицајците набргу пристигнале на местото и започнале потера. Во еден момент, еден од крадците колабирал, а била повикана итна помош и лекарите констатирале дека тој доживеал мозочен удар. Другиот продолжил да бега и го фрлил пиштолот во корпа за отпадоци. Сепак, полицијата успеала да го уапси.
При претресот, кај крадците биле пронајдени предметите кои ги украле од станот. Локалните медиуми јавуваат дека жената-жртва на разбојништвото, завршила во болница бидејќи крадците ја удриле во главата.
Властите соопштија дека разбојникот кој доживеал мозочен удар е во критична состојба и лекарите се борат за неговиот живот, пишуваат медиумите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.