За граѓаните над 60-годишна возраст во Грција, особено за оние кои имаат сериозни здравствени проблеми, комисијата за имунизација препорачува да примат и четврта доза од вакцината, доколку се поминати најмалку четири месеци од бустер дозата, соопшти попладнево претседателката на комисијата Мариа Теодориду, јави дописничката на МИА од Атина.

Теодориду објасни дека врз основа на епидемиолошката слика во земјата и на фактот дека помина подолго време од првата бустер доза, односно од третата, со примање на втората бустер доза, како што ја карактеризираше четвртата доза, значително ќе се намали веројатноста за хоспитализација.

Четвртата доза ќе биде со MRNA вакцините, а нема да биде потребна за оние кои прележале Ковид-19 по бустер дозата.

Втората бустер, односно четвртата доза не е задолжителна, а генералниот секретар од Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус потенцираше дека четвртата доза не е поврзана и нема никаква врска со сертификатите за вакцинација.

Теодориду дополнително соопшти дека се зголемува периодот меѓу првата и втората доза за вакцините Фајзер и Модерна, па така, наместо по три, односно четири седмици како што беше досега, втората доза ќе се прима по осум седмици.

Децата на возраст од 12 до 17 години кои припаѓаат на групата со зголемен ризик, ќе имаат можност да примат трета доза, шест месеци по втората.

Во однос на процесот на имунизација во Грција, Темистоклеус соопшти дека досега се аплицирани 20.590.000 дози од вакцината, целосно се вакцинирани 7.595.000 граѓани, односно 72,4 отсто од општото или 81,8 проценти од полнолетното население.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.