Промени во Кривичниот законик и интензивирање на контролите од грчката полиција, како и уште поголемо заострување на институционалната рамка во однос на функционирањето на фан клубовите и нивните ограноци, се дел од дополнителните мерки што ќе ги преземе грчката Влада за справување со насилството од навивачките групи и хулиганите, откако минатата седмица, поради навивачки пресметки, во Солун беше убиено 19-годишно момче.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис одржа состанок со надлежните министри, а владиниот портпарол Јанис Иконому на редовен брифинг со новинарите соопшти дека нивната цел е конкретните иницијативи да доведат до уште поголемо намалување на појавите на насилство.
Справувањето со насилството од навивачите, но и насилството кај младите е наша должност кон општеството, а особено кон помладата генерација, но и кон здравата спортска заедница и милионите вистински навивачи во нашата земја – истакна Иконому.
Во вторникот вечерта, 19-годишниот Алкис до смрт беше претепан, но и прободен со нож, во близина на стадионот на неговиот омилен клуб Арис во Солун, што најверојатно била и причината за нападот, откако група хулигани, веројатно навивачи на ривалскиот ПАОК крвнички ги нападнале Алкис и неговите другари.
Грчката полиција досега, уапси девет од 11 осомничени лица за убиството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.