Железничката компанија „Хеленик треин“ најави прекин на сите возови за утре, поради штрајкот што го распиша Панхеленската железничка федерација, пренесува „Прототема“.

Во писмото од 7 февруари, грчкиот синдикат на железничари укажува на бројни проблеми во грчките железници. Во писмото наведуваат дека „додека не се преземат заштитни мерки на работните места и безбедно функционирање и сообраќај на возовите, нема крај на несреќите“.

Претседателот на Грчките железници, Костас Генидунијас вели дека на релација Атина-Солун нема семафори, индикатори, ниту контрола на сообраќајот и дека се се прави рачно.

Грчките власти денеска го приведоа шефот на железничката станица во Лариса, по судирот на два воза во градот Темпи, недалеку од тој град. Шефот на станицата, за кој се смета дека сноси најголема одговорност за несреќата, се извини на сослушувањето во обвинителството, по што беше пуштен на слобода. На местото на настанот излезе обвинител кој ќе спроведе истрага за прекршоци за безбедност во сообраќајот со смртен исход, пренесува Екатимерини.

Тоа дело се третира како кривично дело за кое е предвидена казна затвор од 10 години до доживотен затвор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.