Земјоделците од северозападниот дел на Грција, кои вчера одржаа протест на граничниот премин Ники (Меџитлија) кон Македонија, каде што стигнаа со тракторите, имаат за цел да започнат со блокади на границата, но само за камиони, додека пак сообраќајот на автомобил ќе се одвива непречено, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што објави грчката новинска агенција АНА-МПА, според претседателот на земјоделското здружение на Касториа и член на неформалниот комитет за координација формиран од земјоделците, Томас Мосхос целта е од денеска да го блокираат сообраќајот само на товарните возила кои патуваат од и кон Македонија.
Мосхос, преку социјалните мрежи објасни дека овој пат нема да го затворат сообраќајот за автомобили, туку само за камиони, поконкретно за камионите што извезуваат лигнит во соседната земја.
АНА-МПА пишува дека секојдневно, стотици камиони минуваат преку граничниот премин Ники (Меџитлија) кои пренесуваат лигнит од два приватни рудници во Грција за потребите на трите блока на електраната во Битола.
Земјоделците од цела Грција, денеска напладне ќе одржат состанок за да ги одредат нивните следни чекори, а меѓу предлозите се одржување голем протест во Атина, но и блокадите да се префрлат на автопатите и да го блокираат сообраќајот.
Она што е сигурно е дека земјоделците не се откажуваат и велат дека ќе продолжат сè додека Владата не ги исполни нивните барања.
Од друга страна, владиниот портпарол Павлос Маринакис на вчерашниот редовен брифинг со новинарите истакна дека не се разгледуваат дополнителни мерки за поддршка на земјоделците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.