Во Сегет кај Трогир попладнево се разгоре пожар кој го гасат три противпожарни единици-Трогир, Каштела и Сплит, но силниот ветер ја отежнува акцијата, објавуваат хрватските медиуми.

Како што соопшти хрватското Министерство за одбрана, во гаснењето на пожарот во Сегет Горњи учествуваат три канадери.

Пожарот во Сегет Горњи кај Трогир го гаснат околу 60 пожарникари со 20 противпожарни возила, со поддршка на три противпожарни авиони, информираат пожарникарите на Трогир.

Тоа е ненаселена област каде што има викендички, но не се загрозени од пожарот, соопшти командантот на оперативната зона Трогир, Марин Бубле.

Пожарот избувнал околу 16 часот и 30 минути. Пожарникарите со брза интервенција успеале да го намалат неговиот интензитет, но сè уште не е под контрола. Засега не се знае колкава површина е зафатена од пожарот.

Во исто време, нови проблеми има и кај пожарот во Дубровничката жупанија. Според локалните медиуми, сè уште е неизвесна ситуацијата околу пожарот кој гори од синоќа. Овој пожар утрово го гаснеле три канадери.

Пожарот сè уште не е изгаснат и, како што веќе истакна шефот на противпожарната служба на Дубровник, Стјепан Симовиќ, западната и источната страна се активни, а ветрот им е најголем непријател.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.