Бранот на поскапувања поради пандемијата и војната во Украина влијае и врз туристичкиот сектор. Македонските агенции годинава за 5 до 15 евра го поскапија организираниот превоз со автобус до Грција, па така, доколку за Халкидики пред две години повратна карта чинеше 35 евра, сега таа цена е 40 евра. Поголема е разликата во цените за превозот до смештаите на Јонско Море, за каде повратна карта чини 50 или 55 евра.

Аранжманите од 9 ноќевања годинава скоро и да ги нема, па за цените за кои некогаш се поминувало 10, годинава се поминуваат 8 дена на море.

Во Грција, пак, веќе е најавено поскапување на основните намирници, но и на омилениот ручек – гиро пита, кој 3,3 најверојатно ќе поскапи на четири евра.

Дали навистина ќе биде така, ќе треба да почекаме и лично да се увериме, бидејќи ситуацијата во моментов ја диктира војната во Украина и последиците од неа, а присутни се и последиците од короната. Немаме конкретни потврди за поголеми поскапувања, зависи до кога ќе трае сè, велат од српските туристички агенции за „Блиц“.

Грчките медиуми велат дека бранот на поскапувања ја зафати и Грција како и сите други земји. Зголемени се трошоците за живот, а цената на брзата храна е зголемена за околу 30 отсто. Се очекува гирото да биде четири или повеќе евра, а според Савас Цесидис, претседател на Панеленската федерација на месари, цената на свинското месо е повисока за 50 до 60 центи за килограм и 30 центи за килограм пилешко.

Grckainfo.com објави дел од моменталните цени во Грција.

Шише „кока-кола“ е 1,90 евра, домашно пиво 0,5 литри точено пиво е четири, додека увезено пет евра.

Леб во Грција ќе ве кошта 1 евро, сирење 4,48 евра, а млеко 1,31 евро. За десет јајца во Грција се потребни 3,26 евра, а за пилешки гради без коски седум евра.

Цената за јаболката, бананите, портокалите, доматите, компирот, кромидот, оризот, зелената салата е повисока за 20, 30, 40 или 50 центи од кај нас.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.