Во Бугарија постои целосен консензус за прашањето за Македонија, но доколку некој одлучил да ја смени позицијата на државата, тоа нека го каже јавно, а не да го прави тоа зад грбот на граѓаните, изјави денеска заменик-координаторот на Пратеничката група партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Тома Биков.
Биков тврди дека иако го негира тоа, бугарскиот премиерот Кирил Петков „очигледно преземал обврски кон Македонија“, за што според него доказ е и изјавата на шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок дека Бугарија верува оти земјава треба веднаш да ги започне преговорите за членство во ЕУ.
– Ние немаме ништо против Република Македонија да ги започне преговорите за влез во Европската унија, но не гледаме дека Република Македонија прави чекор напред. Ништо не е сменето во однос на ситуацијата од пред шест месеци, освен што македонскиот премиер рече дека нема да ја присоедини Пиринска Македонија кон Република Македонија, додаде пратеникот на партијата ГЕРБ, чиј лидер е поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов.
Според Биков, бугарската позиција во однос на земјава е ослабната, поради разликите што постојат во владејачката коалиција во Софија по ова прашање.
Од друга страна, бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска изјави дека нема промена во ставот на Бугарија за европската интеграција на Македонија.
– Никој од тимот на МНР во разговори и средби со европските партнери и амбасадори на други земји членки на ЕУ или НАТО, не отстапи од оваа позиција и не беа преземени обврски поврзани со рокови, изјави синоќа Генчовска за Бугарската национална телевизија (БНТ).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.