Треба да ги фокусираме сите наши напори да можеме да го спречиме ширењето на кризата и во други региони, кои по дефиниција се особено ранливи, како што се Либан и Црвеното Море, каде што веќе поминуваме низ период на растечката тензија во безбедноста на поморството, порача министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во изјава за државната телевизија ЕРТ по завршувањето на неговата посета на Јордан, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија посочи дека на средбите со неговите домаќини акцентот бил ставен на прашањата поврзани со ситуацијата на Блискиот Исток и хуманитарната криза, како и на придонесот на Грција во решавањето на проблемот.

– Грција, која е силна членка на Европската Унија, припаѓа на поширокиот регион на Источниот Медитеран, има можност да разговара со инволвираните и е една од ретките земји што ја има оваа можност, токму поради тоа што има стекнато дипломатски капитал, поради надворешната политика што ја води и е базирана на принципи. Во позиција сме да имаме креативна и суштинска интервенција во прашањето на Блискиот Исток. Се согласивме следните чекори да бидат координирани меѓу Грција и Јордан, заедно со другите земји од арапскиот свет, кои во моментов се во првите редови на дискусијата, истакна Герапетритис.

Тој додаде дека неопходно е да се прошират и консолидираат каналите за хуманитарна помош во Газа, но и да започне дискусија за изнаоѓање решение.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.