Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, одговори на писмото од организаторите на неодамнешните протести во Брисел и во неколку други градови поради политичката криза во Босна и Херцеговина.

Во нејзиниот одговор, испратен до организаторите на протестите, Емир Рамиќ и Хамдија Драгановиќ, таа истакна дека веќе разговарала за ситуацијата во БиХ со претставници на земјите-членки на ЕУ.

Таа повтори дека Босна и Херцеговина има иднина во ЕУ само како единствена, обединета и суверена држава.

Фон дер Лајен потсети дека тоа го кажала при посетата на БиХ во септември минатата година, кога исто така посочила дека е клучно да се деблокира државната власт и да почне да се спроведуваат потребните реформи.

Претседателката на ЕК, исто така, предупреди дека Република Српска ризикува изолација.

ЕУ длабоко жали поради политичката криза која го запре напредокот во реформите и ја осудува блокадата на државните институции. Патот по кој се одлучи Република Српска може да доведе само до изолација. Иницијативите за повлекување од државните институции се неприфатливи и ја загрозуваат интеграцијата во ЕУ – нагласи Фон дер Лајен.

Таа истакна дека Унијата очекува претставниците на Република Српска целосно да се вратат во државните институции и потсети дека тоа е клучно за БиХ да има корист од програмите и фондовите на ЕУ за социо-економско закрепнување во текот на пандемијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.