Новата бугарска влада би можела да отпочне постапка за отповикување на претседателот Румен Радев поради запрената испорака на оружје за Украина, пишува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, а пренесува DW. Неопходното двотретинско мнозинство во парламентот за тој потег веќе постои, а потоа во рок од еден месец ќе треба да се изјасни и Уставниот суд на Бугарија. Доколку Судот пресуди дека претседателот го прекршил Уставот или извршил велепредавство, тој ќе биде отповикан.

Иницијативата доаѓа од поранешниот шеф на бугарската тајна служба Атанас Атанасов, кој предводи една мала прозападна партија во новата владина коалиција. Тој укажува на заклучок на парламентот од ноември 2022 година, во кој, со големо мнозинство, беше одобрена испорака на оружје за Украина.

Но, одлуката имаше една специфика: парламентарното мнозинство кое ја донесе одлуката, не беше владино мнозинство. Во моментот на гласањето немаше избрана мнозинска влада, туку техничка, која ја именуваше претседателот Румен Радев. Тој е поранешен воен пилот од времето на Варшавскиот пакт, кој со својата реторика, меѓу другото и во спорот со Македонија, постојано покажува колку времето на Советскиот Сојуз и бугарскиот комунизам го обликувале неговото размислување. Радев одлучно се изјаснува против воена помош за Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.