Европскиот совет штотуку одлучи да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина, објави вечерва претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.
– Вашето место е во нашето европско семејство. Денешната одлука е клучен чекор напред на вашиот пат кон ЕУ. Сега напорната работа треба да продолжи за Босна и Херцеговина стабилно да напредува, како што сака вашиот народ, наведе Мишел во објавата на Икс.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, лидерите на ЕУ ја донесоа оваа одлука на Самитот на Унијата во Брисел врз основа на писмениот извештај на Европската комисија во кој се препорачува отпочнување на пристапните преговори со БиХ.
Пред почетокот на Самитот, повеќето европски лидери изразија поддршка на препорака на Еврокомисијата за старт на преговорите.
Од друга страна, холандскиот премиер Марк Руте изјави дека Холандија ќе го поддржи предлогот за почеток на преговорите, но дека пред да се усогласи преговарачката рамка земјата мора да ги спроведе сите неопходни услови наведени во Извештајот на ЕК.
– Босна и Херцеговина постигна напредок за да го поддржиме отворањето на преговорите, но Европската комисија беше многу јасна дека БиХ мора да направи уште многу за да ги почне самите преговори согласно договорена преговарачка рамка, додаде Руте.
Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји минатата недела во интервју за Европската новинска мрежа (ЕНР), чиј дел е и МИА, изјави дека Европската комисија предложила Советот на ЕУ да донесе одлука за отпочнување на пристапните преговори со Босна Херцеговина и изрази надеж дека лидерите на Унијата ќе донесат позитивно решение на денешниот Самит.
– Сметаме дека условите се исполнети. Предлогот се заснова на барањето на Европскиот совет од декември минатата година дека Комисијата треба да оцени дали е постигнато потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство. Сметаме дека тоа е постигнато. Тие (БиХ) многу сериозно ја сфатија задачата да испорачаат во владеењето на правото, област која е најважна за нашите земји членки. Развојот на настаните е многу охрабрувачки и се надевам дека ќе продолжат да работат. Тие продолжуваат да туркаат и се надевам дека Европскиот совет ќе одлучи да ги започне пристапните преговори како што го предложивме, изјави Вархеји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.