ЕУ предложи да и се додели кандидатски статус на Босна и Херцеговина, изјави денеска Урсула Фон дер Лајен на Конференцијата на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Брисел.
– Ветер на промени повторно дува низ Европа и ние мораме да го фатиме овој моментум, додаде таа – Западен Балкан припаѓа во нашето семејство, потенцираше претседателката на ЕК.
Европскиот комесар за проширување на ЕУ, Оливер Вархеи, претходно денеска соопшти дека Европската Комисија препорачува 27-те членки на Европската Унија да и доделат на Босна и Херцеговина статус на кандидат за членство .
„Ова е нешто што можеме да го направиме и мораме да го направиме“, им рече тој на членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. Тој чекор кон пристапување во ЕУ бара едногласност на дваесет и седумте земји-членки.
Од Босна и Херцеговина беше побарано да работи на реформите и беа наведени осум приоритети, а се очекува тие да добијат позитивен одговор од членките во декември, имајќи предвид дека тоа е идентична формула од препораката на ЕК како што беше случајот со Украина и Молдавија.
Приоритет е да се донесат измени на постојниот Закон за Висок судски и обвинителски совет; Да се донесе нов закон за Високиот судски и обвинителски совет и да се донесе закон за судовите на Босна и Херцеговина; Да се донесе закон за спречување судир на интереси; БиХ да преземе решителни чекори за зајакнување на превенцијата и борбата против корупција и организирани криминал; Унапредување на работата за обезбедување ефикасна координација на сите нивоа кога станува збор за граничното управување и капацитетите за управување со миграцијата, како и обезбедување на функционирање на системот за азил; Да се обезбеди забрана на тортура, особено преку воспоставување национален превентивен механизам против тортура и малтретирање; Да се гарантира слободата на изразување и медиумите и заштитата на новинарите, особено преку обезбедување соодветни судски постапки во случаи на закани и насилство врз новинари и медиумски работници и да се обезбедат резултати во функционирањето на сите нивоа на механизмот за координација за прашањата на ЕУ, вклучувајќи го и развојот и усвојувањето на националната програма за усвојување на правото на ЕУ.
Досегашното искуство покажува дека членовите би можеле да поднесат дополнителни барања покрај оние дадени од Европската комисија, но кандидатскиот статус е речиси сигурен, јавија сараевските медиуми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.