Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар и посредникот на Европската Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак допатуваа во Приштина, во обид да му дадат нов поттик на косовско-српскиот дијалог за решавање на споровите меѓу двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.

На почетокот на нивниот тридневен престој во Приштина, Ескобар и Лајчак синоќа беа примени од претседателката на Косово, Вјоса Османи, по што се сретнаа и со премиерот Албин Курти.

По средбите со косовските државни челници, Лајчак на заедничка прес-конференција со Ескобар и со косовскиот премиер, Курти изјави дека средбите во Приштина биле „добра можност за да се разговара за плановите (на ЕУ и САД) за наредните недели и месеци“, во однос на продолжувањето на косовско-српскиот дијалог, кој е прекинат од пред повеќе од половина година.

Ескобар, нагласувајќи дека САД недвосмислено „ги поддржуваат независноста и суверенитетот на Косово“, порача дека Вашингтон го поддржува процесот на косовско-српскиот дијалог што се води под покровителство на Брисел.

Од американска перспектива сакам само да нагласам дека САД ги поддржуваат независноста и суверенитетот на Косово… Вие треба да бидете пријатели на САД и Косово треба да го следи својот пат кон евроинтеграциите – изјави Ескобар.

Косовскиот премиер, Курти по средбата со Лајчак и Ескобар изјави дека официјална Приштина е ангажирана во процесот на дијалогот со Србија, како и дека „ја поддржува регионалната соработка“ преку Берлинскиот процес и заедничкиот регионален пазар.

Тој нагласи дека територијалниот интегритет и суверенитетот на Косово „остануваат неповредливи, независно до секакви обиди од било кого“.

Владата на Република Косово го поддржува и е ангажирана во процесот на преговори во Брисел за принципиелен и балансиран дијалог,од кој треба да имаат корист граѓаните на двете земји. Ние сме решителни во тоа дека територијалниот интегритет, суверенитетот, државното функционирање и законитоста сето време и секаде остануваат неповредливи, независно од секакви обиди од било кого – изјави Курти.

Во соопштението од кабинетот на косовската претседтелка Османи по средбата со Лајчак и Ескобар, се вели дека шефицата на косовската држава им рекла на двајцата дипломати дека е посветена на дијалог со Белград, кој ќе резултира со меѓусебно признавање на двете држави.

Османи изјавила дека „веќе е јасно оти Србија, со нејзиниот некоструктивен однос, е таа која го блокира процесот на дијалог“ и „не само што продолжува да не ги спроведува претходните договори, туку и поставува јасни пречки секогаш кога учествува на средбите организирани во рамки на дијалогот во Брисел“.

Европскиот и американскиот дипломат синоќа се сретнаа и со косовскиот вицепремиер, задолжен за преговорите со Белград, Бесник Бислими, а во продолжение на посетата на Косово, за денеска и утре, според најавите од Амбасадата на САД и Канцеларијата за врски на ЕУ во Приштина, предвидени се средби со косовски политички лидери, претставници на меѓународната заедница, како и со претставници на граѓанските организации.

Во најновиот заеднички обид на САД и ЕУ да го заживеат процесот на преговори, Ескобар и Лајчак ќе престојуваат во Косово до среда, 2 февруари, по што ќе ја продолжат посредничката мисија со дводневна посета на Белград.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.