Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ќе биде во Атина за да присуствува на петтиот Висок совет за соработка меѓу Грција и Турција, а воедно ќе биде примен од грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и ќе се сретне со премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Одржувањето на Високиот совет го договорија Мицотакис и Ердоган на нивните средби веднаш по изборите во двете земји, кога се согласија дека е потребно да се задржат отворени каналите на комуникација меѓу двете земји и да се обнови дијалогот.

Според изјавите од официјална Анкара и официјална Атина и двете страни на денешниот состанок доаѓаат со добра волја и позитивна клима, а неофицијално се очекува да бидат потпишани и меморандуми за соработка во неколку области.

Во вчерашното интервју за весникот „Катимерини“, турскиот претседател најави потпишување на Декларација за пријателски односи и добрососедство и истакна дека не постои проблем што не можеме да се реши преку дијалог и врз основа на заемна добра волја.

Ме прашавте што би му рекол на господинот Мицотакис. Ќе му го кажам следното: Кирјакос пријателе, не ви се закануваме, ако не ни се заканите.

Ајде да ја зајакнеме довербата меѓу нашите две земји, да ја зголемиме билатералната соработка во секој сектор, да покажеме заемна грижа за историскиот и културниот имот на нашите земји, без разлика дали се работи за прашањата во Егејското Море, или заедничката борба против нелегалната миграција или континуираните проблеми на турското малцинство во Грција, истакна Ердоган.

Говореше за „нова страница“ во билатералните односи и принципот „вин-вин“, за кој вели дека „веќе е во сржта на турскиот пристап кон меѓународните односи и дипломатијата“ а „ако разликите се решаваат преку дијалог и се најде заеднички јазик, тоа е во корист на сите“.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на редовниот брифинг со новинарите во понеделникот рече дека средбата Мицотакис-Ердоган, како и одржувањето на Високиот совет за соработка е уште еден важен чекор во напорите на двете страни да ја консолидираат климата на дијалог.

Посочи дека со Турција имаат една разлика што треба да ја решат, а тоа е одредување на Ексклузивната економска зона и континенталниот гребен, но додаде дека постојат и други важни прашања за кои се разговара во оваа фаза од дијалогот.

Турскиот претседател утрово ќе пристигне во Атина, во Претседателската палата ќе се сретне со Сакеларопулу, од каде што ќе замине во Премиерската палата на средба со премиерот на Грција, по што ќе се одржи и состанокот во форма на работен ручек, во присуство на Мицотакис и Ердоган и со учество на министри од двете земји.

Паралелно Атина денеска ќе биде под драконски безбедносни мерки поради посетата на Ердоган, ќе бидат ангажирани најмалку 3.000 полицајци, а во централниот дел на грчката метропола, со одлуката на полицијата постои забрана за било какви собири и протести.

Турскиот претседател последен пат во Атина беше пред точно шест години, односно на ист датум, на 7 декември 2017 година, кога оствари официјална дводневна посета на Грција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.