Европската комисија побарала детални информации во врска со договорот што Рим и Тирана го потпишаа за формирање прифатни центри за мигранти во Албанија, изјави денеска за АНСА портпарол на извршната власт на ЕУ, пренесува Топ чанел.

Во контакт сме со италијанските власти. Побаравме да добиеме детали за миграцискиот договор со Албанија. Пред да коментираме дополнително, треба да разбереме која е точно целта, изјавила портпаролката Анита Хипер.

Нагласила дека Комисијата била информирана за договорот пред неговото потпишување вчера во Рим и додала дека „се чини поинаку“ од договорот што го има Британија со Руанда за испраќање имигранти во оваа африканска земја.

Според договорот, Италија добива право да користи одредени области без надомест. Областите кои ќе бидат дадени на користење целосно ќе ги стопанисува италијанска страна, согласно надлежноста на италијанската држава. Договорено е бројот на присутни мигранти во одредените области да не надминува 3.000 лица, дополнува Топ чанел.

Се дознава дека кампови за бегалци кои сакаат да влезат во Италија и понатаму во Европската Унија ќе се градат во областа Лежа. Тие ќе бидат чувани во камповите, само со цел спроведување на граничните процедури на репатријација и по нивното завршување ќе бидат изнесени од територијата на Албанија.

Максималниот рок на нивниот престој ќе биде во согласност со терминот дефиниран во италијанското законодавство за овие постапки. Транспортот до албанска територија и придружувањето на емигрантите по завршување на процедурите надвор од оваа територија ќе го вршат Италијанците, додава телевизијата.

Договорот вчера го потпишаа италијанската премиерка Џорџа Мелони и нејзиниот албански колега Еди Рама, кој беше во посета на Рим.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.